Владата го задолжи операторот на пазарот на електрична енергија да подготви план за организациско, техничко, регулаторно и финансиско воспоставување на новата функција.
МЕМО, кој во моментов управува со организираниот пазар на електрична енергија, треба да подготви сеопфатен план со организациските, техничките, информатичките, законските и финансиските услови потребни за преземање на новата функција.
Правната можност за организирање и управување со пазарот на природен гас е предвидена со Законот за енергетика од 2018 година, но досега не беше воспоставен посебен функционален оператор за овој сегмент од пазарот.
Според Министерството за енергетика, анализата на регионалните модели покажала дека формирањето ново друштво би барало подолг период и дополнителни административни и оперативни трошоци. Поради тоа е избран модел во кој надлежноста ќе ја преземе МЕМО, користејќи ја постојната ИТ-инфраструктура и искуството со пазарното порамнување.
Идниот оператор треба да овозможи организирање и администрирање на пазарот на природен гас, регистрирање на учесниците, пресметување и финансиско порамнување на дебалансите и објавување на релевантни пазарни информации.
Пазарот е либерализиран, но останува мал и високо концентриран
Според Годишниот извештај на РКЕ за 2025 година, пазарот на природен гас е целосно либерализиран уште од 2015 година, но и натаму е недоволно развиен, со релативно мала потрошувачка и мал број активни трговци и снабдувачи.
Во 2025 година увоз вршеле осум трговци, што е најголем број досега. Преку преносниот систем биле пренесени 3,43 TWh природен гас, за 8,25% помалку отколку во 2024 година. Потрошувачката изнесувала околу 296 милиони кубни метри и сè уште е значително под рекордните 426 милиони кубни метри од 2021 година.
И покрај зголемениот број увозници, пазарот останува концентриран. ТЕ-ТО Скопје учествувал со 70,9% во увозот и трговијата на големо, а Макпетрол со 20,1%. РКЕ посочува дека ТЕ-ТО најголем дел од увезениот гас го користи за сопствено производство на електрична и топлинска енергија, а не за класична трговија.
Околу 84% од природниот гас бил потрошен во комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија и во топланите. Индустриските потрошувачи директно приклучени на преносниот систем учествувале со 14%, додека преку трите дистрибутивни системи биле потрошени само 2% од вкупните количества.
Просечната увозна цена во 2025 година изнесувала 47,4 евра за MWh, во споредба со 38,8 евра за MWh во 2024 година. Земјата и натаму го увезува целокупното количество природен гас преку единствената интерконективна врска со Бугарија.
ECI

