Секретаријатот на Енергетската заедница потпиша меморандуми за соработка со општините Битола во Северна Македонија и Елбасан во Албанија, со кои ќе ги поддржи нивните процеси на декарбонизација и побрзото воведување обновливи извори на енергија.
Поддршката ќе биде насочена кон трансформирање на двете традиционално јаглеродно-интензивни подрачја во центри за чиста енергија и одржлива индустрија. Битола се наоѓа во најзначајниот регион за производство на електрична енергија од јаглен во Северна Македонија, додека Елбасан историски претставува индустриски центар на Албанија и средиште на производството на челик базирано на јаглерод.
Техничка помош за планирање и издавање дозволи
Активностите ќе се спроведуваат преку Центарот за забрзување на обновливите извори при Секретаријатот на Енергетската заедница. Центарот обезбедува практична техничка помош за договорните страни од Западен Балкан, особено при реформирањето на постапките за издавање дозволи и просторното планирање на новите енергетски проекти.
Во регионот, работата на Центарот е поддржана од Фондациите Отворено општество ,Западен Балкан. Предвидено е Битола и Елбасан да добијат сеопфатна помош, вклучително и при утврдувањето и развојот на зони за забрзано производство енергија од обновливи извори.
Станува збор за однапред определени подрачја во кои проектите за обновлива енергија ќе можат побрзо да се планираат, одобруваат и реализираат. При нивното определување истовремено треба да се земе предвид заштитата на биолошката разновидност и да се спречат можните негативни влијанија врз животната средина.
Предвидлива рамка за инвеститорите
Зоните за забрзано производство енергија од обновливи извори се еден од важните инструменти предвидени со ревидираната европска Директива за обновлива енергија – RED III. Нивното воспоставување во Битола и Елбасан треба да помогне при исполнувањето на енергетските и климатските цели поврзани со идната интеграција во внатрешниот енергетски пазар на Европската Унија.
Со јасно утврдени локации и попредвидливи административни постапки може да се забрза подготовката на проектите и да се подобри инвестициската сигурност. Според Секретаријатот, тоа би можело да привлече инвестиции во обновлива енергија, одржлива инфраструктура, дигитализирани системи за управување со енергијата и идни зелени производствени капацитети.
Поддршката е значајна и од аспект на праведната транзиција на Битолскиот Регион, чија економија и вработување со децении се тесно поврзани со производството на електрична енергија од јаглен. Новите инвестиции треба да придонесат процесот на декарбонизација да биде придружен со создавање економски можности и работни места.
Модел и за други јаглеродно зависни региони
Проектите во Битола и Елбасан се замислени како модели што ќе може да се применат и во други општини и региони од Западен Балкан зависни од фосилни горива. На тој начин, стекнатото искуство со планирањето, дозволите и привлекувањето инвестиции би можело да се пренесе и во други локални средини.
Овој пристап треба да го поддржи исполнувањето на енергетските и климатските обврски усогласени со ЕУ, преземени во рамките на Договорот за основање на Енергетската заедница, како предуслов за идното интегрирање на земјите од регионот во европскиот енергетски пазар.
ECI

