Нискиот Дунав го погоди производството на електрична енергија во три држави

јули 31, 2026

Рекордно нискиот водостој на Дунав предизвика сериозни нарушувања во производството на електрична енергија во Романија, Унгарија и Србија. Нуклеарни реактори се исклучени во Романија и Унгарија, додека најголемата српска хидроелектрана го намали производството на околу една третина од вообичаеното ниво.

Сушата и продолжените топлотни бранови значително го намалија протокот на реката, која има клучна улога не само во хидропроизводството, туку и во обезбедувањето вода за ладење на нуклеарните и термоелектраните долж нејзиниот тек.

Романија првпат ги исклучи двата реактора во „Чернавода“

Романската државна компанија Nuclearelectrica контролирано ги исклучи двата реактора на нуклеарната електрана „Чернавода“ поради исклучително нискиот водостој на Дунав.

Првиот блок беше исклучен на 28 јули, согласно процедурите за работа во услови на екстремна суша. Потоа беше донесена одлука за исклучување и на вториот блок. Ова е првпат двата реактора истовремено да бидат надвор од мрежата поради недостиг од вода.

Секој реактор има моќност од 706 MW, а централата во нормални услови обезбедува приближно една петтина од производството на електрична енергија во Романија.

На 28 јули протокот на Дунав на влезот во Романија изнесувал околу 1.650 кубни метри во секунда, наспроти просечните околу 4.750 кубни метри во секунда за јули. Исклучувањето ќе ја зголеми зависноста на земјата од увоз, особено во период кога високите температури ја зголемуваат потрошувачката за ладење.

Унгарија исклучи реактор во нуклеарната централа „Пакш“

Нискиот водостој го погоди и работењето на нуклеарната електрана „Пакш“ во Унгарија, која ја користи водата од Дунав за ладење.

Операторот MVM исклучи еден од четирите реактори, откако претходно беше намалено производството и на други блокови. Со ова, вкупното производство на централата се намали на приближно 60% од расположливиот капацитет.

„Пакш“ располага со четири реактори со комбинирана моќност од околу 2 GW и во нормални услови обезбедува речиси половина од електричната енергија во Унгарија. Во близина на централата се поставени дополнителни понтони, пумпи и пловечки дигалки за да се обезбеди вода за системите за ладење.

Според најновите информации, доколку водостојот продолжи да опаѓа, можно е дополнително намалување или привремено целосно запирање на производството во „Пакш“.

Производството во „Ѓердап 1“ падна на една третина

Во Србија не е регистрирано целосно исклучување на електрана, но екстремно нискиот проток на Дунав значително го намали производството во ХЕ „Ѓердап 1“.

Според генералниот директор на Електропривреда Србије – ЕПС, Душан Живковиќ, електраната произведува околу 5.000 MWh дневно, што е само една третина од просечното дневно производство.

Во мај и јуни 2026 година биле регистрирани најниските производствени резултати за тие месеци од пуштањето на електраната во работа во 1970 година. „Ѓердап 1“, која заеднички ја користат Србија и Романија, има вкупна инсталирана моќност од 1.140 MW.

Недостигот од вода влијае и врз термоелектраните „Костолац“, каде што се појавиле ограничувања во системите за ладење и намалување на производството. Истовремено, намалениот товарен капацитет на бродовите и шлеповите го отежнува транспортот на енергенти по Дунав.

Сушата станува регионален енергетски ризик

Состојбата покажува дека нискиот водостој не е проблем само за хидроелектраните. Нуклеарните и термоелектраните зависат од реките за ладење, додека речниот транспорт е значаен за снабдувањето со јаглен, нафта и други енергенти.

Во Романија, Унгарија и Србија намаленото домашно производство доаѓа во период на зголемена потрошувачка предизвикана од високите температури. Тоа може да ја зголеми потребата од прекуграничен увоз и да создаде дополнителен притисок врз цените на електричната енергија во регионот.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *