ЕУ обезбедува 1,5 милијарди евра за производство на батерии во Европа

јули 30, 2026

Европската комисија отвори повик преку новиот Battery Booster Facility, со кој ќе бидат обезбедени до 1,5 милијарди евра бескаматни заеми за зголемување на производството на батериски ќелии во Европа.

Финансиската поддршка е наменета за производствени проекти во Европската економска област кои се наоѓаат во критичната фаза меѓу почетното производство и преминот кон целосна комерцијална работа.

Целта е да се забрза отворањето нови европски производствени капацитети, да се привлечат приватни инвестиции и да се зајакне европскиот синџир на вредност за батерии.

До 500 милиони евра за еден проект

Избраните проекти ќе можат да добијат бескаматен заем кој покрива до 60% од прифатливите трошоци. Максималната финансиска поддршка за еден проект е ограничена на 500 милиони евра.

Средствата се обезбедуваат преку Иновацискиот фонд на ЕУ, кој се финансира со приходите од европскиот систем за тргување со емисии – EU ETS.

За поддршка можат да конкурираат проекти што:

  • се реализираат во Европската економска област;
  • произведуваат батериски ќелии соодветни за електрични возила;
  • се во фаза на зголемување на производството;
  • претставуваат прв производствен проект на апликантот за батериски ќелии за електрични возила во целосен комерцијален обем;
  • имаат планиран годишен капацитет од најмалку 10 GWh.

Поддршка за најризичната фаза од производството

Финансискиот инструмент е насочен кон периодот во кој фабриката веќе започнала со претсериско производство, но сè уште не го достигнала планираниот комерцијален капацитет.

Токму оваа фаза бара значителен капитал, а истовремено носи зголемен технички и пазарен ризик. Со бескаматните заеми, Европската комисија очекува производителите полесно да стигнат до целосно производство и да мобилизираат дополнителен приватен капитал.

Пријавените проекти ќе се оценуваат според нивната техничка и финансиска зрелост, како и според придонесот што го носат за европскиот батериски екосистем.

Европа го зајакнува домашниот батериски синџир

Battery Booster Facility е дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на домашното производство на батерии и намалување на зависноста од надворешни добавувачи.

Иако батериските ќелии опфатени со повикот мора да бидат соодветни за електрични возила, нивната примена не е нужно ограничена само на автомобилската индустрија. Батериите имаат сè поголемо значење и за складирањето електрична енергија, управувањето со мрежата и други стратешки индустриски сектори.

Повикот e отвроен на 28 јули 2026 година, а рокот за доставување апликации е 30 септември 2026 година во 23:59 часот по средноевропско летно време.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *