Со одржувањето на првиот состанок на Работната група за изработка на новиот Интегриран национален енергетски и климатски план (ИНЕКП) на Република Србија, официјално започна подготовката на новиот стратешки документ со кој ќе се дефинираат енергетските и климатските цели на земјата до 2040 година.

Состанокот се одржа во Стопанската комора на Србија, а го отворија вршителот на должност помошник-министер за секторот електроенергетика, Радош Попадиќ, и вршителот на должност помошник-министер за нафта и гас, Саша Коковиќ.
За потребите на изработката на новиот ИНЕКП, Министерството формираше Работна група составена од претставници на релевантни министерства, агенции, енергетски компании, меѓународни финансиски институции, синдикати и организации од граѓанскиот сектор.
Постојниот ИНЕКП на Србија за периодот до 2030 година, со визија до 2050 година, Владата на Србија го усвои во јули 2024 година.
Изработката на новиот ИНЕКП претставува обврска на Србија согласно Договорот за основање на Енергетската заедница, односно адаптираната Регулатива 2018/1999 на Европската Унија.
Процесот ќе се реализира во рамки на проектот „Унапредено следење, известување и ажурирање на интегрираните национални енергетски и климатски планови во согласност со Законот за енергетика и обврските од Договорот за Енергетската заедница“ (SEA-2023-31187), финансиран од Европската Унија.
На состанокот беше претставен експертскиот тим ангажиран за подготовка на ИНЕКП, постојната регулаторна рамка, како и планираните чекори во процесот на изработка на документот. Проектот го води NTU International во соработка со Македонската Академија за Науки и Уметности – МАНУ и АЦТ! – Македонско консултантско друштво.

Редакција

