ЕВН Македонија го пушти во употреба најголемиот батериски систем во државата

мај 12, 2026

ЕВН Македонија официјално го пушти во употреба најголемиот лиценциран батериски систем во Северна Македонија, поставен во рамки на фотоволтаичната централа „Пробиштип“, што претставува нов значаен чекор во процесот на модернизација и флексибилизација на домашниот електроенергетски систем.

Батерискиот систем беше официјално презентиран од претседателот на Управниот одбор, Wolfgang Mayer, во присуство на менаџментот на компаниите од ЕВН Групацијата во Македонија, претставници на локалната самоуправа, академската заедница и партнерските компании вклучени во реализацијата на проектот.

Системот располага со инсталирана моќност од 10 MW и капацитет за складирање од 20 MWh, а според најавите на компанијата, во следната фаза капацитетот ќе биде проширен на 40 MWh. Воедно, станува збор и за најголем батериски систем имплементиран во рамки на целата ЕВН Групација.

Интеграцијата на батериски системи станува сè поважен сегмент од енергетската транзиција, особено во системи со растечко учество на обновливи извори на енергија. Ваквите технологии овозможуваат складирање на електричната енергија произведена од сончевите електрани во периоди на високо производство и нејзино користење во часови кога потрошувачката е поголема или производството од обновливи извори е намалено.

Со тоа, батериските системи придонесуваат за поголема флексибилност на електроенергетскиот систем, подобро балансирање на производството и потрошувачката, намалување на загубите и зголемување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија.

Проектот на ЕВН Македонија доаѓа во период кога складирањето на енергија станува еден од клучните елементи на европската енергетска транзиција, а инвестициите во батериски системи забрзано растат низ цела Европа како поддршка на интеграцијата на обновливите извори на енергија.

Редакција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *