Rezolv Energy пушти 192 MW од ветерниот парк VIFOR во Романија

октомври 3, 2026

Rezolv Energy ја пушти во работа првата фаза од ветерниот парк VIFOR во округот Buzău во Романија, со инсталирана моќност од 192 MW, што според компанијата претставува најголемиот нов ветерен проект пуштен во работа во земјата во повеќе од една деценија.

Проектот е само првата фаза од значително поголем ветерен комплекс. По завршувањето на втората фаза во 2027 година, VIFOR треба да достигне вкупна инсталирана моќност од 461 MW и да стане еден од поголемите копнени ветерни паркови во Европа.

30 турбини Vestas во првата фаза

Првата фаза се состои од 30 Vestas EnVentus V162 турбини, секоја со моќност од 6,4 MW.

Турбините имаат висина на столбот од 166 метри и дијаметар на роторот од 162 метри, а Vestas е и EPC партнер за првата фаза на проектот.

Кога целиот VIFOR ќе биде оперативен, Rezolv проценува дека ветерниот парк ќе произведува електрична енергија еквивалентна на потрошувачката на повеќе од 270.000 домаќинства и ќе овозможи намалување на емисиите за околу 540.000 тони CO₂e годишно.

Локацијата на проектот е во седум општини во Buzău, а за приклучувањето е предвидена и високонапонска инфраструктура од 400 kV.

Романија повторно привлекува големи инвестиции во ОИЕ

VIFOR е дел од поширокото портфолио што Rezolv Energy го развива во Централна и Југоисточна Европа.

Само два дена пред пуштањето на првата фаза од VIFOR, компанијата обезбеди и финансиски пакет до €561 милион за Dama Solar, фотонапонски проект од 1,3 GWp во округот Arad.

За VIFOR, претходно се обезбедени €291 милион за првата фаза и €331 милион за втората фаза.

Комбинацијата на VIFOR и Dama Solar покажува и колкав размер достигнува новиот инвестициски циклус во романскиот сектор за обновлива енергија.

Само овие два проекти на Rezolv претставуваат повеќе од 1,7 GW ветерен и соларен капацитет, што дополнително ќе ја зголеми потребата од мрежни инвестиции, флексибилност и складирање во романскиот електроенергетски систем.

ECI

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *