Westinghouse успешно заврши нова серија високотемпературни критични тестови на својот eVinci микрореактор со електрична моќност од 5 MW и термичка моќност од 15 MW, постигнувајќи значајна пресвртница во развојот на технологијата која е наменета за производство на стабилна електрична енергија во оддалечени локации, индустриски објекти и други потрошувачи каде што е потребно континуирано снабдување.
На 3 септември тестот достигнал критичност при температура од 663°C, додека истражувачите извршиле мерење на реактивност при максимална температура на јадрото од 1.011°C. Според Westinghouse и американското Министерство за енергетика, станува збор за рекордно висока температура за вакво мерење во National Criticality Experiments Research Center – NCERC.
Тестирање во услови поблиски до реалната работа
Испитувањата се спроведени во соработка со Los Alamos National Laboratory и Nevada National Security Site. Целта е да се добијат податоци за однесувањето на реакторските материјали при температури кои се приближуваат до реалните работни услови.
Добиените температурно зависни податоци ќе се користат за подобрување на аналитичките модели и за понатамошен развој на прототипот. Новата фаза следува по zero-power criticality тестирањето спроведено во август, со кое беа проверени клучните претпоставки за дизајнот на јадрото.
eVinci користи TRISO гориво, графитно јадро и heat-pipe технологија за пренос на топлината. Концептот е значително покомпактен од класичните нуклеарни реактори и е дизајниран за транспорт и поставување на различни локации.
Осум години работа без дополнување гориво
Една од главните карактеристики на концептот е можноста за производство на енергија 24 часа дневно во период до осум години без дополнување нуклеарно гориво. Westinghouse ја развива технологијата за примена во оддалечени и тешко достапни области, како и за одбранбени и други системи каде сигурноста на снабдувањето е критична.
Американското Министерство за енергетика оценува дека резултатите од тестовите обезбедуваат важни податоци за однесувањето на реакторот и ќе помогнат во преминот од експериментална фаза кон развој на прототип и идно комерцијално распоредување.
ECI

