Француската агенција за развој – AFD и Црногорскиот електропреносен систем – CGES потпишаа договор за кредит од 25 милиони евра, наменет за модернизација на трафостаниците „Перуќица“ и „Пљевља 2“ и за поддршка на енергетската транзиција на Црна Гора.
Кредитот е обезбеден со државна гаранција, додека планот за финансирање предвидува и грант од Европската Унија во износ од 8,5 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан – WBIF.
Модернизација на две стратешки трафостаници
Проектот опфаќа модернизација на две трафостаници со стратешко значење за црногорскиот електроенергетски систем.
Реконструкцијата на трафостаницата „Перуќица“ треба да овозможи интеграција на до 350 MW хидроенергетски капацитети во преносната мрежа. Истовремено, модернизацијата на трафостаницата „Пљевља 2“ ќе ги зајакне врските на Црна Гора со трансбалканската електроенергетска мрежа.
Според објавените информации, инвестицијата треба да придонесе и за постепеното преминување на земјата од производство на електрична енергија од јаглен кон поодржливи извори.
Прва инвестиција на AFD во црногорската енергетика
Ова е прва инвестиција на Француската агенција за развој во енергетскиот сектор на Црна Гора. Проектот се надоврзува на техничката помош што од 2024 година ја обезбедува RTE International, меѓународната компанија на францускиот оператор на преносниот систем.
RTE International учествувал во подготовката на проектот, зајакнувањето на техничките капацитети на CGES и усогласувањето на модернизацијата на црногорската преносна мрежа со европските стандарди.
Поддршка за обновливите извори и регионалното поврзување
Министерот за финансии Новица Вуковиќ оцени дека модернизацијата ќе ја зголеми отпорноста на преносната мрежа, ќе овозможи поголема интеграција на обновливите извори и ќе придонесе за натамошно усогласување со европските енергетски стандарди.
Министерот за енергетика и рударство Адмир Шахмановиќ истакна дека Црна Гора започнала инвестициски циклус во енергетиката и дека проектите од овој тип поставуваат основа за посигурна, постабилна и поодржлива енергетска иднина.
Договорот за кредит го потпишаа генералниот директор на CGES, Иван Асановиќ, и директорот на Регионалната канцеларија на AFD за Западен Балкан, Арно Дофен. Договорот за државната гаранција го потпишаа Вуковиќ и Дофен.
ECI

