Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) денес го објави најновиот извештај Renewable Power Generation Costs in 2025, кој дава глобален преглед на трошоците за производство на електрична енергија од обновливи извори и нивната конкурентност во однос на фосилните горива.
Извештајот покажува дека и покрај постепеното забавување на падот на цените кај зрелите технологии, обновливите извори остануваат најевтиниот избор за нови инвестиции во електроенергетиката, а нивната економска предност дополнително се зголемува.
Деценија на драматичен пад на трошоците
Од 2010 до 2025 година, трошоците за производство на електрична енергија од обновливи извори бележат историски пад.

Најголемо намалување има кај батериските системи за складирање (-95%), следени од соларните фотоволтаици (-89%), концентрираната сончева енергија (-72%), копнениот ветер (-71%) и офшор ветерот (-63%).
Во истиот период, трошоците кај хидроенергијата и геотермалната енергија се зголемиле, главно поради повисоките капитални трошоци и посложените услови за реализација на проектите.
Падот на трошоците донесе рекордни инвестиции и повеќе од 3 TW соларни капацитети
Намалувањето на трошоците директно се одразува врз глобалните инвестиции и темпото на изградба на нови капацитети.
Во 2025 година светот првпат ја надмина границата од 3 TW (3.000 GW) инсталирани соларни капацитети, додавајќи рекордни 664 GW нови фотоволтаични електрани во само една година. Соларната енергија останува најбрзо растечката технологија во светот и денес учествува со околу 9% од глобалното производство на електрична енергија.
Во исто време, глобалниот обновлив капацитет достигна повеќе од 5.100 GW, при што во текот на 2025 година беа изградени рекордни 692 GW нови обновливи капацитети.
Од нив, 510 GW се соларни електрани, а 159 GW ветерни електрани, што значи дека овие две технологии учествуваа со речиси 97% од целиот нов обновлив капацитет.
Овие бројки покажуваат дека падот на трошоците повеќе не е само економски показател, туку главниот двигател на новите инвестиции.
ECI

